ЗЛАТО, СРЕБРО И ИСТОРИСКИ ПЛАСМАН НА КК „ЗАНШИН ДО“ ЗА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Членовите на битолскиот КК „Заншин До“ денеска беа примени во кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски, каде го претставија најновиот успех што го постигнаа на државната карате сцена.
Со својот тренер, Стевка Јанковска-Петковска, младите каратисти ги презентираа резултатите од Државното првенство за кадети и јуниори, одржано во ноември во ОУ „Крсте Мисирков“ во скопската општина Ченто. Битолскиот клуб се врати со златен и сребрен медал во ката тим – успех што го отвора патот кон европската сцена.
Златото во ката тим го освоија Александар Божиновски, Михаил Марковски и Давид Стојчевски. Овој триумф им обезбеди пласман на Европското првенство во ката тим мажи што ќе се одржи во Лимасол, Кипар. Според клубот, станува збор за историски резултат: првпат битолчани стануваат државни шампиони во ката тим во категоријата кадети/јуниори.
Сребрениот медал во ката тим го освоија Леона Алиловска, Елена Јончевска, Емилија Илковска и Надалина Талевска, уште една потврда за континуитетот и силната база на клубот.
Градоначалникот Коњановски им честита на постигнатиот успех, нагласувајќи дека младите спортисти се вистински амбасадори на Битола и пример за упорност и дисциплина.
КК „Заншин До“, основан во 2012 година, е единствениот битолски клуб кој членува во Карате федерацијата на Македонија – организација со 59 години постоење и 80 активни клубови низ државата, како што потсети тренерката Јанковска-Петковска.