Новогодишна детска претстава „Трите прасиња и Дедо Мраз“
На 27 декември, со почеток во 11 часот, на сцената на НУ Народен театар Битола ќе биде изведена новогодишната детска претстава „Трите прасиња и Дедо Мраз“. Настанот е наменет за најмладата публика и најавува празнична авантура исполнета со музика, танци и богата сценска игра.
Претставата ја потпишува авторката и режисерката Јулијана Мирчевска, со сценографија на Валентин Светозарев и костимографија на Благој Мицевски. Техничката екипа ја сочинуваат тон-мајсторот Александар Димовски, светло-мајсторот Горан Петровски и видео-операторот Владимир Переловски, додека инспициент е Оливер Петровски, а суфлер Мирјана Христовска.
Во актерската екипа настапуваат Васко Мавровски (Гиле), Живко Борисовски (Риле), Филип Мирчевски (Циле), Николче Пројчевски (Волкот), како и Софија Наумовска, Веда Мавровска и Ана Ангелевска во улогите на трите Снегулки.
Станува збор за интерактивна новогодишна приказна која ја следи подготовката на прасињата за најубавата ноќ во годината. Наместо долгоочекуваниот Дедо Мраз, поради невнимание, во нивниот дом пристигнува Волкот и предизвикува низа комични, но и напнати ситуации. Со помош на трите Снегулки, јунаците успеваат да се соочат со опасноста, по што конечно го пречекуваат Дедо Мраз и ја слават Новата година. Преку приказната децата извлекуваат поука за важноста на добрите дела и вистинското пријателство.
Претставата е наменета за деца од 3 до 12 години.
Влезниците се достапни онлајн со попуст преку официјалната страница на театарот, како и во билетарницата.