Анкета на ИПИС: Ако следната недела има избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 26 отсто од граѓаните, а за СДСМ 9,6 – Мицкоски со најголема доверба
нститутот за политички истражувања (ИПИС) денеска објави анкета, односно истражување на јавното мислење за рејтингот на политичките партии и политичари, а која, според резултатите, покажува голема предност на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ и другите партии и актери на македонската политичка сцена.

Од политичарите, според анкетата, граѓаните најголема доверба имаат во лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, а висок процент од испитаниците се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден.
Истражувањето, насловено „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, е спроведено преку телефонска анкета реализирана во периодот помеѓу 15 и 18 декември на репрезентативен примерок од 1 114 полнолетни испитаници на ниво на целата државата.
На прашањето – „за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“ 26 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ; 9,6 проценти даваат поддршка на опозицискиот СДСМ; 8,9 проценти за коалицијата предводена од ДУИ; 8,2 проценти за коалиција ВЛЕН; 5,9 проценти за Левица; 3,9 проценти за ЗНАМ, а 1,7 проценти за друга партија. За ниту една партија рекле дека нема да гласаат 13,1 процент, 11 проценти од испитаниците не сакале да се изјаснат, додека 11,7 проценти рекле дека не знаат или немаат одговор.
Според истражувањето, на прашањето – во кој политичар имате најголема доверба“, кај 27,3 проценти од испитаниците одговорот бил Христијан Мицкоски, додека 25,5 проценти дале одговор – ниеден, а 9,5 проценти кажале дека не знаат или немаат одговор. Девет проценти кажале дека имаат најголема доверба во лидерот на ДУИ Али Ахмети; 5,1 процент во претседателот на СДСМ, Венко Филипче; 5 проценти во лидерот на Левица Димитар Апасиев, а 3,8 проценти во лидерот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски.
Со 3,5 проценти следуваат Изет Меџити од ВЛЕН; 2,8 проценти има Билал Касами; 2,3 процент Африм Гаши; 2,1 процент претседателката Гордана Сиљановска Давкова; 1,3 проценти поранешниот претседател Стево Пендаровски, а 1,1 процент рекле дека најголема доверба имаат во поранешениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски.

Позитивно мислење за работатата на Владата, според анкетата имаат 26,1 процент од испитаниците; 26 проценти дале одговор – донекаде позитивно; 23,4 проценти – негативно, а 17,9 проценти – донекаде негативно.
Целосна поддршка за системот „Безбеден град“ односно поставување камери за мерење на брзина и други сообраќајни прекршоци има од мнозинството од испитаниците – 63,9 проценти; 12,6 проценти одговориле – донекаде да; 7,5 проценти – не воопшто; а 5,2 проценти – донекаде не.

Од Институтот за политички истражувања велат дека истражувањето е реализирано со користење на случаен примерок стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во државата. Во него биле запазени демографските специфики на населението – како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје е земено како посебна целина заради своите посебности.
Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС, велат од ИПИС.