Првиот зрак сонце, првата љубовна приказна: запросувањето на врвот Пелистер
Во празнична атмосфера и со силна симболика, врвот Пелистер утрово стана сцена на еден од највпечатливите моменти со кои започна Новата 2026 година. Во рамки на традиционалниот настан „Први на Први“, група планинари го дочекаа првото изгрејсонце во годината во екстремни алпски услови, но и со силни емоции кои ќе се паметат долго.
Искачувањето се одвиваше на температури до –28 степени Целзиусови и со силен ветер од околу 50 километри на час, што значително ги отежна условите на теренот. И покрај тоа што учесниците се искусни планинари, утринските часови на Пелистер бараа дополнителна физичка и ментална издржливост за да се совлада суровата планинска клима.
Токму во тие моменти, кога првите зраци на сонцето ги обојаа снежните падини со магични бои, на надморска височина од 2.601 метар, се случи и најемотивниот чин на настанот. Дарио Петровски ја запроси својата сакана Мишела Панајотова, претворајќи го дочекањето на Новата година во личен и незаборавен празник.
Овој настан, според организаторите, дефинитивно го одбележа овогодинешното издание на „Први на Први“ и му даде посебна топлина на студеното пелистерско утро. Дарио и Мишела живеат и работат во Германија, а за новогодишните празници се вратија во Македонија, со желба Новата година да ја започнат токму на Пелистер.
„И покрај екстремните услови, енергијата и мотивот кај планинарите беа исклучителни. Ова утро на Пелистер покажа дека планината знае да подари моменти кои се паметат цел живот“, изјави за АПЛА Иванчо Тошевски, организатор на настанот, претседател на планинарското здружение „Олимпус Монс“ и директор на Националниот парк Пелистер.
Со изгрејсонце, љубов и заедништво, Пелистер ја дочека Новата 2026 година, испраќајќи порака дека и во најстудените услови може да се родат најтоплите приказни.