Бистра и Петар ја донесоа радоста во Новата 2026 година
Првиот ден од Новата 2026 година во Битола беше особено радосен – градот доби два нови жители кои го озарија почетокот на годината. Во Клиничката болница-Битола првородените бебиња го донесоа својот прв плач, а нивните мајки го почувствуваа најубавиот подарок – нов живот и надеж за иднината.
Првото бебе, женско, Бистра, со родилна маса од 3.300 грама, според традицијата го симболизира бериќетот и радоста што ја носи Новата година. Второто бебе, Петар, со телесна маса од 3.460 грама, исто така ја одбележа првата радосна вест за 2026 година. Двете мајки се битолчанки, а ова им се први бебиња.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, при посетата на болницата изјави:
„Битола доби две мали души кои ќе ја избистрaт годината и ќе донесат радост и среќа на сите нас. Им посакавме среќа, убавини во животот и уште многу дечиња.“
Директорката на Клиничката болница, Ненси Лозанче, им се заблагодари на целиот персонал кој ноќта ја помина работно и истакна дека двете мајки се прворотки. Според верувањата, првороденото женско дете ќе донесе бериќетна и успешна година.
Докторот Тихомир Велевски, специјалист по гинекологија и акушерство, потврди дека и мајките и бебињата се во добра состојба. Преку пригодни подароци и финансиска помош од општината и приватни фирми, новогодишната радост беше дополнително заокружена.
Градоначалникот Коњановски ја посети и Итната медицинска служба, каде што беше информиран дека Новогодишната ноќ во Битола минала мирно, како и детското одделение, каде хоспитализираните деца добија новогодишни пакетчиња и искрени желби за среќна и успешна 2026 година.
Со Бистра и Петар, Битола ја започна Новата година со радост, љубов и нов живот – симбол на надежта и бериќетот што следува во годината што е пред нас.