Обвинение за милионски злоупотреби во РЕК Битола: тендер кроен за една фирма, пари наплатени за неизвршени работи

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички лица и едно правно лице за сериозни злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, со кои, според истрагата, е нанесена голема финансиска штета на комбинатот.

Според обвинението, во текот на 2023 година, петмина обвинети – тогашни директори и раководители на подружници во РЕК Битола, меѓу кои и директорот на комбинатот – ја злоупотребиле службената положба и не постапиле законито и совесно. Тие ги прекршиле основните принципи на Законот за јавни набавки, како економичност, ефикасност и конкурентност, со цел да ѝ овозможат корист на однапред избрана компанија.

Клучниот спорен тендер се однесувал на дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, како дел од план за нов транспортен систем за рудата. Обвинителството тврди дека обвинетите знаеле оти ваквиот систем е спротивен на основниот проект и технолошки несоодветен за условите во рудникот Живојно, каде поради формата на копот и релативно краткиот век на експлоатација воопшто не била предвидена континуирана технологија со роторни багери и транспортни ленти.

И покрај тоа, тие го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план, а условите на тендерот ги поставиле така што реално овозможувале учество само на една фирма. Таа компанија на крајот била единствен понудувач и го добила договорот вреден 90 милиони денари без ДДВ, односно над 106 милиони денари со вклучен данок.

Покрај службените лица од РЕК, обвинети се и сопственикот на фирмата, двајца нејзини вработени и самото правно лице. Тие се товарат дека доставиле невистинита документација со која тврделе дека работите на монтажа се завршени, иако опремата била само донесена и оставена во кругот на РЕК Битола. Врз основа на тие документи биле наплатени средства за работи кои, според обвинението, не биле извршени.

Дополнително, тројца од обвинетите директори и раководители во 2024 година потпишувале записници и извештаи за наводно завршени работи, иако знаеле дека тие не одговараат на вистината. Со тоа му овозможиле на РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата.

Јавниот обвинител побарал одземање на околу 1,7 милиони евра со ДДВ, колку што, според обвинението, биле незаконски исплатени. Во текот на истрагата се обезбедени над 1,2 милиони евра, златници и златна плочка од банкарски сеф во Белград, како и повеќе од 500.000 евра на сметки во домашни банки. Замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила, набавени во 2025 година преку фирма во Србија, кои исто така можат да бидат конфискувани.

Обвинителството наведува дека првообвинетиот поседува две компании во Србија и дека постои јасна шема на префрлање на средства кон нив, како и врски со други држави каде би можел да располага со имот. Поради ризик од бегство, обвинителот побарал продолжување на притворот за овој обвинет до завршување на судската постапка.


1352

Задолжително

Verified by MonsterInsights