Бадниковата поворка во Битола го најави Христовото раѓање
Со традиционална бадникова поворка, Битола и годинава го одбележа празникот Бадник, денот кој го најавува Христовото раѓање и ги обединува граѓаните околу духовните и семејните вредности што со векови се пренесуваат од генерација на генерација.
Настанот започна во централното градско подрачје, од каде младите бадникари, придружувани од своите семејства, се упатија кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“. Потоа, празничната колона продолжи низ главната градска улица, носејќи ја радосната порака преку духовни песни, сè до просторот пред Офицерскиот дом, каде беше поставена божиќната пештера.
На завршната локација, учесниците во поворката беа поздравени од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој упати празнични честитки и им подели пригодни подароци на најмладите.
Во своето обраќање, градоначалникот нагласи дека религијата и народните обичаи претставуваат важен дел од културниот и духовниот идентитет на градот, потенцирајќи дека токму децата се носители на овие вредности и нивни идни чувари.
Во рамки на подготовките за празникот, дел од активностите беа посветени и на изработката на бадниковите ѕвезди, во кои учествуваа деца од различни возрасни групи, а поддршка во процесот даде и локалната самоуправа.
Симболиката на ѕвездите потсетува на Витлеемската ѕвезда, која според христијанското предание го најавила раѓањето на Исус Христос, додека детската песна и радост ја пренесуваат пораката на надеж, мир и нов почеток.