Христос се роди – Навистина се роди
Христовото раѓање во христијанската традиција се доживува како симбол на исполнување на вековните човечки надежи и стремежи кон доброто. Божиќната порака упатува на духовна обновa, љубов и вера, а традиционалниот поздрав „Христос се роди – Навистина се роди“ денес одекнува меѓу православните верници како израз на радост и заедништво.
Божиќ се доживува како празник што повикува на мир, внатрешен спокој и меѓусебно разбирање. Во овие денови особено се истакнува потребата од единство, како меѓу граѓаните во земјата, така и меѓу Македонците ширум светот. Празничната порака повикува на почитување на човечкото достоинство, слободата и правото на живот, како и на љубов кон ближниот.
Според христијанското учење, Божиќ го означува денот на раѓањето на Исус Христос и претставува еден од најзначајните празници во христијанството, веднаш по Велигден. Начинот и датумот на празнување зависат од календарот што го користат црквите. Така, верниците кои се водат според Грегоријанскиот календар го одбележуваат празникот на 25 декември, додека црквите што го следат Јулијанскиот календар, меѓу кои и Македонската православна црква, Божиќ го празнуваат на 7 јануари.
Со бадниковата вечера, која се одржува еден ден претходно, симболично завршува периодот на божиќните пости и започнува празничното славење.
Во многу земји со доминантно христијанско население, вклучително и во Република Македонија, Божиќ има статус на државен празник и неработен ден, што дополнително ја нагласува неговата општествена и духовна важност.