Нови членки на Судскиот совет положија свечена изјава во Собранието
Новоизбраните членови на Судскиот совет, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, денеска во Собранието дадоа свечена изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честиташе на новите членки, истакнувајќи дека нивниот избор претставува додадена вредност за институцијата. Според него, со нивниот ангажман Советот има потенцијал да застане на здрави нозе и доследно да ја остварува својата уставна и законска надлежност.
Јошевска-Анастасовска нагласи дека со денешната свечена изјава презеле лична и професионална одговорност, изразувајќи уверување дека заеднички ќе придонесат за градење силен и кредибилен Судски совет.
„Чекор по чекор, храбро, отчетно, одговорно и трпеливо, треба да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме за зголемување на довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност. Неопходно е да започнеме со целосна примена на новиот Закон за Судскиот совет и да ги донесеме подзаконските акти поврзани со него, како основа за градење силна институција“, изјави Јошевска-Анастасовска.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека со свечената изјава двете новоизбрани членки ја потврдиле својата подготвеност функцијата да ја извршуваат со висока одговорност, независност, интегритет и професионализам, во служба на зајакнување на судскиот систем и владеењето на правото.
„Срдечно им честитав за новите должности и им посакав успех во исполнувањето на оваа важна мисија за институциите и за нашето општество“, напиша Гаши на својот Фејсбук-профил.
Судскиот совет брои 15 членови, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца ги избира Собранието, а двајца се на предлог на претседателот на државата. Мандатот на членовите трае шест години, со можност за уште еден реизбор. Членови без право на глас се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.