Зимската служба на Битола на еден клик: нова апликација за следење на интервенциите во живо
Општина Битола денеска ја промовираше апликацијата „Битола – Зимска служба“, која овозможува следење во реално време на интервенциите на механизацијата за време на зимското одржување на патиштата.
Како што беше истакнато на настанот, со оглед на зимскиот период и очекуваните снежни врнежи, особено во пелагонискиот регион, Зимската служба, раководена од ЈП „Нискоградба“, е целосно подготвена и со технички капацитети и со човечки ресурси, како и со обезбедени потребни количини сол и ризла за навремени интервенции.
Со воведувањето на новата апликација, Општина Битола и ЈП „Нискоградба“ прават чекор напред кон поголема транспарентност и подобар увид во состојбите на терен. Преку апликацијата „Битола – Зимска служба“, граѓаните ќе можат во секое време да следат која механизација интервенира, на која улица, пат или населено место.
Во рамки на апликацијата, на десната страна е прикажана агенда со листа на возила, при што за секое возило се достапни податоци за регистарскиот број, брзината на движење и тековниот статус.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изјави дека на овој начин и институциите и граѓаните ќе бидат постојано информирани за тоа како се одвива работата на Зимската служба и какви активности се преземаат на терен.