Богојавление – празник на откровението и просветлувањето

Господ Исус Христос, кога ги наврши триесет години од Своето телесно раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. Почетокот на оваа света мисија беше означен со примањето на Крштението во реката Јордан – чин што засекогаш ќе остане како пресвртница во историјата на спасението. „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“, поучува Свети Кирил Ерусалимски, укажувајќи ја длабоката теолошка симболика на овој настан.

Со Христовото крштевање во Јордан, на светот му се откри големата тајна која во Стариот Завет само се навестуваше – тајната на Света Троица. Отецот се јави преку глас што сведочеше од небесата, Синот стоеше во водите на реката, а Светиот Дух слезе врз Него во вид на гулаб. Така, преку сите три сетила – слух, вид и допир – човештвото го прими сведоштвото за еднобитната и неразделна Божествена Троица.

Свети Јован Крстител, гледајќи Го Господа, изјави: „Еве го Јагнето Божјо кое ги зеде врз Себе гревовите на светот“ (Јован 1,29), укажувајќи ја суштината на Христовата мисија. Потопувањето во водата го симболизира умирањето за гревот, а излегувањето – воскресението во нов, очистен и прероден живот. Така и секој христијанин, преку Светото Крштение, се ослободува од старото и гревовно битие и се обновува во светлина.

Празникот Богојавление, или Теофанија, неслучајно се нарекува и Просветлување. Зашто токму на Јордан се откри вистината за Бог како Света Троица, а секој што се крштева во вода се просветлува, станувајќи духовно чадо на Отецот – со благодатта на Синот и со силата на Светиот Дух.

Тропар

Кога се крштеваше во Јордан, Господи, на светот му се откри Света Троица: зашто гласот на Родителот сведочеше за Тебе, именувајќи Те возљубен Син. И Духот, во вид на гулаб, ја потврдуваше вистинитоста на Неговите зборови. Христе Боже, Кој се јави и светот го просветли, слава Ти.

Кондак

Господи, денес се јави на вселената, и Твојата светлина се покажа врз нас, кои разумно Ти пееме: Ти си дошол и си се јавил, Светлино непристапна.


1223

Задолжително

Verified by MonsterInsights