Со неколку клика до матични изводи и потврда за слободна брачна состојба
Од денеска, граѓаните можат целосно електронски да добијат извод од матична книга на родени, венчани и умрени, како и новата услуга – потврда за слободна брачна состојба, преку Националниот портал за е-услуги (uslugi.gov.mk).
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информира дека порталот бележи силен раст – над 240 илјади корисници, додека Системот за единствена најава (СЕН) има повеќе од 300 илјади корисници. Во споредба со 2024 година, бројот на корисници е двојно зголемен, а бројот на услуги пораснал за над 100 отсто.
Андоновски нагласи дека дигитализацијата се спроведува стратешки и во корист на граѓаните – хартиените услуги нема целосно да се укинат таму каде што граѓаните сакаат да ги користат, додека нови услуги, како студентските ваучери, намерно се нудат исклучиво електронски.
Паралелно, на порталот се достапни и четири нови електронски услуги на Фондот за здравствено осигурување, меѓу кои потврди за здравствено осигурување и платени придонеси за физички и правни лица.
Со целосната миграција на матичните услуги на порталот, се очекува побрза постапка, поголема ефикасност и подобра контрола на процесите.