Отворена трибина за аутизмот во КИЦ Битола: Порака за разбирање, прифаќање и инклузија

Во Свечената сала на Офицерски дом – Културен и информативен центар Битола, минатата сабота се одржа отворена трибина на тема „Етиологија, дијагноза и третман на деца со аутизам“, во организација на Здружението на деца и млади со посебни потреби и нивните родители „Невроразлични“ од Битола.

Настанот е дел од пошироките активности на динамичниот социјален и граѓански сектор во Битола, кој активно ги третира прашањата и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на општината. На трибината присуствуваа родители, стручни лица и медицински работници од регионот, а истата предизвика значаен интерес во јавноста.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека аутизмот не е болест, туку различен начин на доживување на светот, нагласувајќи дека различноста треба да се прифати како вредност, а не како слабост. Тој подвлече дека клучни се поддршката на семејствата, раната интервенција, образованието и социјалната вклученост, како и потребата општеството да создаде поинклузивна и поддржувачка средина за лицата со аутистичен спектар.

Во рамки на трибината беше презентирано и излагањето на д-р Наги Момени од Шведска, истражувач во областа на биомедицинските науки и иноватор на нов крвен биомаркер, кој говореше за современите научни пристапи и истражувања поврзани со аутизмот.

Здружението „Невроразлични“ е формирано минатата година од три мајки на деца со посебни потреби. Иако младо, здружението има јасна мисија – создавање заедница во која различноста се препознава како дел од човечката разновидност и се поттикнува разбирање, прифаќање и поддршка.


1219

Задолжително

Verified by MonsterInsights