Битола најтранспарентна меѓу најголемите општини во државата

Општина Битола го освои првото место на Индексот на транспарентност на локалната самоуправа за 2025 година, покажува најновото истражување на Транспаренси Интернешнл – Македонија. Со најмногу освоени бодови, Битола се издвои како најтранспарентна општина меѓу најголемите во државата, потврдувајќи ја својата отвореност и отчетност кон граѓаните.

Истражувањето опфати вкупно 91 индикатор и ги анализираше клучните области на добро управување: работата на општинските совети, буџетската отчетност, слободниот пристап до информации, јавните набавки, работењето на јавните претпријатија и вклучувањето на јавноста во процесите на одлучување. Во анализата беа вклучени општините Аеродром, Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово и Штип.

Битола се истакна како најдобро оценета општина во повеќе категории, меѓу кои и слободниот пристап до информации од јавен карактер, транспарентноста на јавните претпријатија, како и учеството и информирањето на граѓаните за работата на Советот. Во делот на буџетската транспарентност, Битола и Велес ги поделија највисоките оценки.

Во препораките на Транспаренси Интернешнл – Македонија се посочува дека општините треба дополнително да ги доближат услугите до граѓаните, не само преку електронски канали, туку и преку функционални услужни центри. Од Општина Битола истакнуваат дека ќе продолжат со континуирани активности за поедноставување и унапредување на пристапот до општинските услуги.

Целосниот извештај е достапен на веб-страницата на Транспаренси Интернешнл – Македонија.


1133

Задолжително

Verified by MonsterInsights