ОРКЕСТАРОТ „DIVA“ НАЈАВУВА БОГАТА И ВОЗБУДЛИВА ПРОГРАМА
Уште од самите почетоци, пред 13 години, кога започна да работи Камерниот оркестар на Битола, денес познат како Оркестар DIVA, првата институционална поддршка била обезбедена од Општина Битола, поддршка која континуирано трае и до денес.
Како што истакнува диригентот Владимир Димовски, токму во последните години таа поддршка е од особено значење за развојот и реализацијата на најголемите проекти на оркестарот.
Тој посебно го издвојува проектот „Stars Symphony“, реализиран на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, кој го оценува како еден од најзначајните проекти остварени во соработка со Општина Битола.
„Покрај финансиската, добивме и значајна логистичка поддршка. Настанот ќе остане запаметен како прв концерт воопшто одржан на стадион во Битола, со присуство од над 5.000 посетители“, нагласува Димовски.
Тој информира дека во периодот што следува, Оркестар DIVA подготвува богата и возбудлива програма, а јавноста ќе може навремено да се информира за сите активности и настани преку официјалните социјални мрежи на оркестарот.
На крајот, Димовски упатува искрена благодарност до Општина Битола за, како што вели, континуираната поддршка и партнерскиот однос кој значително придонесува за развојот на културната сцена во градот.