ВМРО-ДПМНЕ избра нов Извршен комитет – Битола со истакнат академски претставник
Пратеникот Драган Ковачки е избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски по одржаната седница на Централниот комитет.
Одлуката е донесена на седницата на Централниот комитет, на која истовремено беше избран и новиот состав на Извршниот комитет на партијата, составен од кадри со политичко искуство, стручност и институционален капацитет.
Во Извршниот комитет се избрани Александар Николоски, Владо Мисајлоски, Гордана Димитриоска Кочоска, Тимчо Муцунски, Луке Галевски, Никола Мицевски, Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташеминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николоски, на кои дополнително ќе им се придружат и новите претседатели на Унијата на жени и Унијата на млади сили и и Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ.
Посебно значајно за Битола е изборот на Филип Поповски за член на Извршниот комитет. Тој е редовен професор на Техничкиот факултет во Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, признат експерт во областа на техничките науки и актуелен претседател на Сенатот на УКЛО-Битола. Дополнително, Поповски беше и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори и актуелен член на Советот на Општина Битола, што му дава и директно политичко и институционално искуство на локално ниво. Неговото присуство во највисокото партиско раководно тело ја потврдува ориентацијата кон вклучување на академската заедница и стручните кадри во креирањето јавни политики, како и значењето на Битола како важен образовен и интелектуален центар
За организационен секретар на ВМРО-ДПМНЕ е именуван Ивица Томовски, додека за шеф на кабинетот на претседателот на партијата е назначен Владимир Нелоски, кој истата функција ја извршува и во владиниот кабинет на премиерот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека во периодот што следува ќе продолжи процесот на кадровско и организациско зајакнување на партијата.
„Во периодот што следува, ќе имаме избор на претседатели на општинските комитети, како и нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, со јасна визија за иднината и со фокус на квалитет, одговорност и резултати“, додаде Мицкоски.
Со изборот на новиот Извршен комитет и најавените организациски процеси, ВМРО-ДПМНЕ испраќа порака за консолидација, јасна стратегија и засилена подготвеност за идните политички и институционални предизвици, при што Битола добива видливо и релевантно претставување на највисоко партиско ниво.