Пари имаше, правда немаше: милион евра изгореа во СЈО
Шокантни тврдења за работењето на Специјалното јавно обвинителство изнесе поранешната обвинителка Лејла Кадриу, која тврди дека СЈО функционирало како институција за неконтролирано трошење пари, политички диктат и незаконски исплати.
Според Кадриу, тогашната шефица Катица Јанева отворено се фалела дека е „жена од милион долари“, алудирајќи на вишокот во буџетот што морал итно да се потроши за да не се врати во државната каса. Резултатот – за само два ипол месеци биле потрошени еден милион евра.
Обвинителите, тврди Кадриу, земале плати далеку над законски дозволеното. Наместо максимум 35 отсто додатоци, си делеле илјадници евра бонуси – целосно незаконски. Пари се трошеле трескавично, без финансиски експерт и без контрола.
Но тука не завршува скандалот. Кадриу сведочи дека СЈО било под директна политичка команда, со високи функционери на СДСМ кои влегувале во обвинителството и одлучувале кој обвинител кој предмет ќе води. Според неа, вистинскиот шеф бил Гаврил Бубевски, додека Јанева била само „параван“.
Откако одбила да учествува во ваквите незаконски практики, Кадриу била исфрлена од СЈО без процедура и без одлука на Советот на јавни обвинители.
Овие тврдења отвораат едно клучно прашање: дали СЈО беше институција на правдата – или скап политички експеримент платен од граѓаните?