Отчет за првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Коњановски
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, со фокус на инфраструктурата, образованието, спортот, дигитализацијата и социјалната грижа.
Во овој период беше отворена новата детска градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, а Советот на Општина Битола стана прв во државата со воведено електронско гласање. Реализирани се и повеќе инфраструктурни зафати, меѓу кои изградба на нови спортски игралишта, асфалтирање улици и уредување тротоари, како и подготовки за нови паркинг-простори низ градот.
На Советот беше презентиран и Буџетот за 2026 година, со тригодишна развојна програма вредна над 1,8 милијарди денари, која опфаќа реконструкции на улици, водовод и канализација, нови образовни и спортски објекти, како и капитални проекти како градинката во АРМ и противпожарната зграда.
Во делот на спортот и туризмот, започнати се подготовки за мултифункционален спортски комплекс, унапредување на стадионот „Петар Милошевски“, како и изработка на физибилити студија за гондола на Пелистер. Паралелно, Општината работи и на енергетска транзиција со поставување фотоволтаици на училишни објекти.
Општина Битола во овој период беше прогласена за најтранспарентна општина од „Транспаренси Интернешнл Македонија“, а локалната самоуправа најави дека со почетокот на градежната сезона редовно ќе ја информира јавноста за реализацијата на бројните проекти.