Книжевна вечер во Битола посветена на Драги Михајловски

Книжевниот клуб УТОПИЈА – Битола организираше книжевна вечер со наслов „Јазикот што останува“, посветена на животот и делото на Драги Михајловски – писател, преведувач и универзитетски професор, еден од клучните автори што го проширија изразниот потенцијал на македонскиот јазик.

Настанот беше реализиран како разговорна средба без комеморативен карактер, со фокус на преводот како творечки и етички чин и на трајното влијание на книжевната работа.

Централна гостинка беше Јана Михајловска, ќерка на Михајловски, која преку лични и професионални сеќавања го претстави и како татко и како автор со исклучителна работна дисциплина и одговорност кон јазикот.

Во разговорот учествуваа и Јелена Петровска, која зборуваше за читањето и улогата на библиотеките како чувари на културната меморија, како и проф. д-р Лилјана Спировска, која говореше за соработката со Михајловски и неговите преводи на Шекспир. Присутните имаа можност да видат и архивска видео-снимка од шекспировска вечер од 1999 година, како и ученички настап со извадок од „Како што милувате“.

Вечерта заврши со читање на песна од Зоран Анчевски и краток текст од студентка на Филолошкиот факултет, како симболичен мост меѓу генерациите.

Драги Михајловски останува запаметен како преведувач за кого преводот беше рамноправен книжевен чин. Неговите преводи на Шекспир, како и на Милтон, Фокнер, Хемингвеј, Фицџералд, Џојс и Карвер, се сметаат за литературни настани. Во негова чест е востановена и наградата „Драги“ за книжевен превод.


1122

Задолжително

Verified by MonsterInsights