Државата и Visa со стратешко партнерство за модерни е-плаќања и побрзи јавни услуги

Државата денеска направи нов чекор кон дигитална трансформација на јавните услуги со потпишувањето на Меморандум за соработка со глобалната компанија Visa, насочен кон унапредување на електронските плаќања и подобрување на корисничкото искуство во јавната администрација.

Меморандумот беше потпишан со Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа, а партнерството има за цел да ги искористи можностите на дигиталниот паричник и современите технологии за дигитално плаќање во функција на поефикасни и подостапни државни услуги.

Во фокусот на соработката се три клучни сегменти:
– унапредување на функционалностите за плаќање на Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk и мобилната апликација m.Uslugi,
– развој на инфраструктура за прифаќање дигитални плаќања на шалтерите во институциите од јавниот сектор,
– промоција и подигнување на свеста за придобивките од е-услугите и е-плаќањата кај граѓаните, бизнисите и државните службеници.

Со ова партнерство се очекува значително намалување на времето што граѓаните го поминуваат на шалтери, како и проширување на бројот на услуги достапни онлајн. Истовремено, ќе се овозможат модерни, сигурни и едноставни начини на плаќање таму каде што тоа е неопходно.

Надлежните посочуваат дека дигитализацијата на услугите не значи само технолошка модернизација, туку и суштинска промена во односот кон граѓаните и деловната заедница – администрација што е побрза, поедноставна и вистински ориентирана кон потребите на корисниците.

Со потпишувањето на Меморандумот, институциите најавуваат продолжување на процесот на дигитална трансформација преку конкретни решенија што треба да придонесат кон изградба на функционална и ефикасна дигитална држава.


1147

Задолжително

Verified by MonsterInsights