Девет медали за Кик бокс клуб Самурај од Битола на Државното првенство во Скопје
На 1 март 2026 година, во спортската сала Јане Сандански, во Скопје, се одржа Државното првенство во кик бокс, на кое учествуваа 444 натпреварувачи со вкупно 538 влезови од 30 клубови од Македонија. Првенството донесе возбудливи борби и висок квалитет на настапи во повеќе дисциплини и возрасни категории.
Кик бокс клубот Самурај од Битола настапи со селекција од девет натпреварувачи и оствари максимален ефект – девет освоени медали: две златни, пет сребрени и два бронзени.
Сара Стојаноска, која за првпат дебитираше во ринг, во дисциплината лоу кик до 56 килограми, помлади јуниори, го освои златниот медал. Таа доминираше во својата борба и уште во првата рунда со прекин ја совлада противничката, најавувајќи блескава спортска иднина.

Златен медал освои и Милица Кочовска во дисциплината кик лајт над 70 килограми, во сениорска конкуренција.
Со сребрени медали се закитија:
– Леа Бошевска (кик лајт -50 кг, сениори),
– Дамјана Пеовска (кик лајт -70 кг, сениори),
– Мила Мартинез Кристиновска (кик лајт -60 кг, сениори),
– Анастасија Кумчевска (кик лајт -55 кг, постари кадети) и
– Антонијо Војдевски (кик лајт +94 кг, јуниори).
Бронзени медали освоија Дарија Петкоска (кик лајт -50 кг, постари кадети) и Анастасиј Проевски (кик лајт -79 кг, јуниори).
Тренерите на Самурај, Тони Бошевски и Гордана Цветковска Бошевска, изразија задоволство од настапот на своите борци, истакнувајќи дека сите девет кик боксери покажале врвна подготвеност, дисциплина и максимална пожртвуваност.
„Тука не застануваме. Продолжуваме уште посилно, бидејќи веќе на почетокот на мај нè очекува големо меѓународно натпреварување во Република Хрватска“, порачаа од клубот.
Со вакви резултати, Самурај од Битола уште еднаш потврди дека е еден од најуспешните кик бокс колективи во државата.


