Битола добива современо спортско игралиште во „Стрелиште“ – инвестиција во младите и спортот

Во Битола започна изградбата на ново современо спортско игралиште во населбата „Стрелиште“, проект кој ќе овозможи подобри услови за спорт и рекреација на младите и сите љубители на спортот од овој дел на градот.

Новото игралиште ќе опфаќа ракометен терен (мал фудбал) со димензии 40 х 20 метри и кошаркарски терен со димензии 30 х 15 метри, изведени согласно стандарди за одржување официјални спортски натпревари. Во рамките на комплексот ќе биде изградена и мини атлетска патека, како и пристапна патека од бехатон плочки, со што ќе се обезбеди функционален и безбеден пристап до терените.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, извршија увид во почетокот на градежните активности, истакнувајќи дека станува збор за значаен проект кој ќе придонесе кон развојот на спортската инфраструктура и поттикнување здрави животни навики кај младите.

Со проектот е предвидено целосно отстранување на постоечкиот асфалт и поставување нов асфалт со еластична тартан подлога, што ќе обезбеди повисоко ниво на безбедност и квалитет при користењето на терените. Околу спортските површини ќе биде поставена нова метална транспарентна ограда со висина од четири метри.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 26.470.435 денари, а средствата се обезбедени од Министерството за спорт преку вториот владин повик, со што Општина Битола продолжува со реализација на капитални проекти во интерес на граѓаните.


1206

Задолжително

Verified by MonsterInsights