Над 3,7 милиони денари инвестиција во „Росица 1“ – подобрени условите за престој и безбедност на децата
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска ја посети детската градинка „Росица 1“ во населбата Бистрица, која функционира во рамки на ЈОУДГ Естреја Овадија Мара Битола.
За време на посетата, градоначалникот беше информиран за реализираните активности во изминатиот период, насочени кон континуирано унапредување на условите за престој и воспитно-образовна работа, како и кон зголемување на безбедноста на децата и подобрување на работната средина за вработените.
Раководството на градинката истакна дека фокусот бил ставен на инвестиции во инфраструктурата, безбедносните системи и целокупната функционалност на објектот. Во таа насока, извршена е поправка и санација на покривната конструкција, поставена е громобранска инсталација, а реализирани се и повеќе градежни интервенции – ѕидарски и фасадерски работи, столарски зафати и молерофарбарски активности.
Дополнително, спроведени се водоводни и електричарски интервенции, инсталирана е хидрантска мрежа со поставување на хидрант, а извршено е и расчистување на густата вегетација околу објектот, со цел обезбедување поголема прегледност и безбедност.
Вкупната вредност на реализираните инвестиции изнесува 3.785.359 денари.
Со овие зафати значително се подобрени безбедносните и хигиенските услови, како и функционалноста на објектот. Од локалната самоуправа посочија дека инвестициите во детската заштита и раниот детски развој остануваат приоритет, со цел создавање современа и безбедна средина за најмладите жители на општината.