Андоновски: Македонскиот бизнис има огромен потенцијал за раст преку дигитализација
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вечерва се обрати на свеченото доделување на наградите e-commerce Awards, настан посветен на одбележување на најуспешните интернет бизниси во Македонија за 2025 година.
Настанот, организиран од Асоцијација за е-трговија на Македонија, ги наградува компаниите и дигиталните платформи кои во изминатата година се истакнале со иновации, раст и успешни деловни модели во областа на електронската трговија.
Во своето обраќање, Андоновски нагласи дека македонскиот бизнис има огромен потенцијал за раст доколку продолжи да инвестира во сопствената дигитализација. Според него, дигиталната трансформација и развојот на дигиталната економија се меѓу клучните приоритети на Владата и на Министерството за дигитална трансформација.
„Дигиталната трансформација повеќе не е прашање на избор, туку прашање на конкурентност, ефикасност и иднина“, истакна министерот, додавајќи дека токму електронската трговија е еден од најдинамичните показатели дека македонските компании и млади претприемачи се подготвени да инвестираат во иновации и да создаваат нова економска вредност.
Тој посочи дека настани како „e-commerce Awards“ имаат значајна улога во промоцијата на успешните дигитални приказни и во поттикнувањето на компаниите да вложуваат во модерни технологии, дигитални услуги и нови деловни модели.
Според Андоновски, ваквите иницијативи придонесуваат за зајакнување на дигиталниот екосистем во земјата и за создавање услови македонските компании да бидат поконкурентни на регионалниот и глобалниот пазар.