Владата со конкретни мерки го штити стандардот на граѓаните
Христијан Мицкоски порача дека Владата решително реагира на ценовните притисоци, ставајќи јасен фокус на намалување на трошоците за живот преку директни економски мерки.
На денешната вонредна седница е донесена одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти – чекор кој има за цел веднаш да ги олесни трошоците за транспорт и индиректно да придонесе за стабилизирање на цените во целата економија. Мерката ќе стапи во сила од полноќ меѓу 23 и 24 март и ќе важи во наредните две недели.
Истовремено, институциите активно го следат пазарот на прехранбени производи. Државен пазарен инспекторат е на терен и веќе детектира поскапување кај маслото за јадење и јајцата, додека кај останатите производи цените остануваат стабилни.
„Станува збор за видливо и значајно зголемување кај одредени производи, но генерално пазарот е под контрола“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата внимателно ги анализира причините, кои најчесто се поврзани со движењата на светските берзи.
Премиерот нагласи дека институциите се подготвени навремено да реагираат.
„Нема да дозволиме било какви осцилации што ќе нанесат штета на стандардот на граѓаните. Доколку се утврдат неправилности или неетичко однесување, ќе следуваат конкретни мерки“, истакна тој.
Со вакви проактивни политики, Владата демонстрира дека активно управува со економските предизвици, со јасна цел – стабилен пазар, контролирани цени и заштита на животниот стандард на граѓаните.