120 години од смртта на Ѓорѓи Сугарев одбележани со панихида и коњички марш во Паралово
Во селото Паралово, во организација на Општина Новаци, на 23 март 2026 година достоинствено беше одбележана 120-годишнината од смртта на македонскиот револуционер и војвода Ѓорѓи Сугарев.
Чествувањето се одржа под покровителство на градоначалникот Стевче Стевановски и Советот на општината, предводен од претседателот Илче Трајковски, а опфати пригодна програма, панихида и коњички марш.
Настанот започна со панихида кај вечното почивалиште на Сугарев, по што следуваше заедничка трпеза во манастирот Св. Ѓорѓи. Во рамки на одбележувањето, учество зеде и „Коњаницата на Костурска Чета-Битола“, која реализираше коњички марш од браната на РЕК Битола до манастирот над селото.
Организаторите упатија јавна покана до граѓаните, историчарите и почитувачите на македонското револуционерно дело да присуствуваат и да оддадат почит на Сугарев и неговите соборци, а присутните со своето учество придонесоа за достоинствено одбележување на значајниот јубилеј.
Ѓорѓи Сугарев се смета за една од значајните личности од илинденскиот период, чие дело и жртва остануваат длабоко врежани во колективната меморија на македонскиот народ, а со вакви настани продолжува негувањето на традицијата и споменот на револуционерното минато.






