Младите проговорија за менталното здравје – пораките од Битола што сите треба да ги слушнат
Во Битола се одржа завршниот настан од проектот „Младите и менталното здравје“, каде во фокусот беа предизвиците со кои се соочуваат младите во секојдневието, но и потребата од поголема поддршка и разбирање.
Настанот го отвори градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој во своето обраќање ги поздрави присутните средношколци и учесници, нагласувајќи ја важноста на ваквите иницијативи. Тој истакна дека локалната самоуправа останува посветена на поддршката на младите преку различни програми и активности, при што особено го потенцираше значењето на Советот на младите како активен механизам во рамките на општината.
Проектот се реализираше во партнерство со Општина Битола, во соработка со средните училишта и училишните психолози, а завршниот настан беше организиран од Про локал во рамките на иницијативата „Младински политики по мерка на младите“.
Покрај градоначалникот, свое обраќање имаа и претседателката на здружението, Емилиа Ѓероска, како и раководителката на проектот, Марија Младеновска-Димитровска, кои ја истакнаа важноста од отворен разговор за менталното здравје и вклучување на младите во креирањето политики што директно ги засегаат.
Централен дел од настанот беше панел-дискусијата на тема „Младите и менталното здравје – што се случува во пракса“, каде се отворија прашања за реалните проблеми со кои се соочуваат учениците. Настанот беше дополнително збогатен со драматизација, рецитал, музички настапи, лични сведоштва и изложба, преку кои младите на креативен начин ги споделија своите искуства и ставови.
Пораката што произлезе од настанот е јасна – менталното здравје кај младите не смее да биде занемарено, а ваквите иницијативи претставуваат важен чекор кон подигнување на свеста и создавање системска поддршка.