Нов лик за Битола: објавен конкурс за амбициозен урбан проект во АРМ

Општина Битола распиша конкурс за избор на идејно урбанистичко-архитектонско решение за уредување на спортско-рекреативна зона во АРМ – Битола, со цел создавање современ и одржлив простор со повеќенаменска функција.

Според објавата, основната цел на конкурсот е да се обезбеди квалитетно урбанистичко, архитектонско и пејзажно решение за новата зона, кое ќе интегрира и компатибилни мали комерцијални и деловни содржини. Проектот треба да ги следи принципите на одржлив развој, со баланс помеѓу економските, социјалните, еколошките, образовните и културните аспекти.

Конкурсот поставува повеќе специфични цели, меѓу кои се изработка на решение што ќе биде усогласено со природните карактеристики и околината, создавајќи естетска и функционална целина што ќе придонесе за развојот на урбаниот идентитет на градот. Посебен акцент се става на оптимално користење на просторот со минимална изградба, преку формирање зелени, едукативни и рекреативни површини.

Во насока на современ пристап, се бара применување на концептот „зелено и паметно“ проектирање, како и фазна реализација на проектот, почнувајќи од засадување на вегетација и изградба на основната инфраструктура, со посебно внимание на системите за одводнување на атмосферските води. Дополнително, предложените решенија треба да бидат економични, изводливи и долгорочно одржливи.

Право на учество имаат сите заинтересирани правни и физички лица, индивидуално или во тимови, кои ги исполнуваат стручните услови наведени во конкурсната документација.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 15 мај 2026 година до 12:00 часот, додека резултатите ќе бидат објавени во рок од 10 дена по затворањето на конкурсот.

Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на Општината.


1222

Задолжително

Verified by MonsterInsights