30 години Новаци: приказна за развој, традиција и амбиции што не запираат!
По повод значајниот јубилеј – 30 години од постоењето на Општина Новаци, изминатите денови се одржаа низа настани кои го одбележаа развојот, традицијата и заедништвото на локалната заедница.
Свеченостите започнаа на 27 март со уредување и промоција на јубилејното паркче „30 години Општина Новаци“, лоцирано покрај спортско-рекреативната патека. Во истиот ден, ЈОУДГ „Бамби“ го одбележа својот 5-годишен јубилеј со отворен ден, додека во спортската сала на ООУ „Славко Лумбарковски“ се одржа свечена приредба по повод 70 години постоење на училиштето. Учениците преку богата културно-уметничка програма ја претставија историјата и вредностите на институцијата, потврдувајќи ја нејзината важна улога во воспитно-образовниот процес.
Во вечерните часови, во општинската сала беше прикажан документарниот филм „Општина Новаци – 30 години развој“, во режија на Катерина Чукалевска и Иванчо Петковски, а во продукција на општината и Младинска Граѓанска Акција. Филмот понуди емотивен приказ на три децении посветена работа, преку сведоштва на жители, активисти и локални лидери, истакнувајќи го духот и идентитетот на Новаци.
Во рамки на јубилејните активности беше реализирана и значајна еколошка акција – засадување на 1100 садници долж потегот Новаци – Манастир на Пресвета Богородица. Акцијата се спроведе во соработка со Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ), како дел од проектот „Земјоделство безбедно од пожари во општина Новаци“, поддржан од Владата на Швајцарија. Со оваа иницијатива се придонесува за заштита од пожари, зачувување на земјоделските површини и подобрување на животната средина.
На 29 март се одржа спортскиот настан „30 години заедно“ на повеќенаменското игралиште, каде граѓаните учествуваа во фудбалски турнир и рекреативни активности како влечење јаже. Настанот помина во дух на дружење и заедништво, а за најуспешните беа доделени награди и признанија. Во вечерните часови следуваше концерт на КУД „Везилка“, кој внесе дополнителна празнична атмосфера во прославата.
Централните настани се предвидени за 30 март, кога ќе се одржи полагање свежо цвеќе пред спомен-обележјата на Славко Лумбарковски, Пеце Матичевски и Трајан Мицевски, како и поставување камен-темелник на нова фабрика во индустриската зона – симбол на идниот економски развој на општината. Програмата ќе кулминира со свечена седница на Советот и свечена академија во дворот на општината.
Јубилејот „30 години Општина Новаци“ не претставува само потсетник на постигнатото, туку и јасна порака за иднината – продолжување со инвестиции, развој и создавање одржлива и просперитетна заедница за сите граѓани.
