Бесплатна Европа за 18-годишници од Македонија!

Младите од Македонија на возраст од 18 години повторно имаат можност бесплатно да патуваат низ Европа преку програмата DiscoverEU, која е дел од иницијативата Erasmus+ на Европска Унија.

Повикот за аплицирање е веќе отворен и ќе трае до 22 април 2026 година до 12:00 часот (CEST), а право на учество имаат сите млади родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година, вклучително и од земјите поврзани со програмата, како што е Македонија.

Избраните кандидати ќе добијат бесплатен патнички пас, кој овозможува патување низ европските земји, претежно со воз, како еден од најеколошките начини на транспорт. За учесниците од оддалечени региони предвидени се и алтернативни видови превоз.

Покрај патувањето, младите ќе добијат и специјална картичка за попусти, која обезбедува поволности за сместување, културни и спортски активности, како и за локален транспорт во повеќе европски градови.

За аплицирање, потребно е кандидатите да пополнат онлајн формулар, да приложат валиден документ за идентификација и да одговорат на краток квиз. Успешните апликанти ќе можат да патуваат до седум дена во рамки на еден месец, во периодот од 1 јули 2026 до 30 септември 2027 година.

Програмата овозможува и групни апликации, при што младите можат да патуваат заедно со најмногу четворица пријатели, доколку сите ги исполнуваат условите. Дополнително, преку организирани настани и онлајн заедници, учесниците ќе имаат можност да се поврзат со врсници од цела Европа.

Сите избрани учесници стануваат амбасадори на програмата, со задача да ги споделуваат своите искуства и да ја промовираат културната разноликост на Европа.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната страница на програмата.


1232

Задолжително

Verified by MonsterInsights