КОЊАНОВСКИ: РЕШАВАМЕ ДЕЦЕНИСКИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРЕДИЗВИЦИ ВО БИТОЛА
Во денешното гостување во емисијата „Студио 10″ на Телевизија 24, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, детално ги образложи напорите на локалната самоуправа за надминување на долгогодишните инфраструктурни предизвици во градот.
Според Коњановски, Битола претставува уникатен урбан центар со историско градско јадро, чие препознатливо обележје е Широк Сокак и неговата околина. Тој истакна дека заштитениот статус на старата архитектура и тесните улички наметнуваат строги законски ограничувања, што ги прави градежните интервенции во овој дел од градот особено комплексни. Сепак, локалната власт, како што наведе, активно работи на пронаоѓање решенија за баланс помеѓу заштитата на културното наследство и модернизацијата на инфраструктурата.
Градоначалникот потенцираше дека во текот на првиот мандат, како и во првата година од новиот мандат, Битола бележи забележителна градежна активност. Фокусот, според него, е ставен врз инфраструктурни проекти од витално значење, пред сѐ реконструкција на застарената водоводна и канализациона мрежа – проблем со кој граѓаните се соочуваат со децении.
Коњановски нагласи дека иако во поновите урбани средини ваквите прашања можеби се веќе решени, за жителите на постарите делови од Битола, основната инфраструктура претставува приоритет број еден. Тој додаде дека реализацијата на овие проекти е овозможена и преку континуирана и силна поддршка од централната власт, што овозможува системско и одржливо решавање на нагомиланите комунални предизвици.