ПЕЛАГОНИЈА ВО ИНФРАСТРУКТУРЕН БУМ – големите проекти ја менуваат иднината на иднината
Пелагонискиот регион влегува во фаза на засилено инфраструктурно поврзување, со повеќе паралелни проекти што треба да ја подобрат мобилноста и економскиот развој. Ова беше истакнато на средбата меѓу Владата и стопанствениците, одржана во Битола, каде присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, локални претставници и бизнис заедницата.
Во фокусот е изградбата на автопатот меѓу Прилеп и Битола, кој според најавите се реализира со засилена динамика. Првите километри се очекува да бидат пуштени во употреба веќе следната пролет, а целиот проект да биде завршен пред рокот, односно до пролетта 2029 година, со што регионот ќе добие современо автопатско решение.
Паралелно, како одговор на тековните сообраќајни проблеми, најдоцна до јуни ќе биде воведена нова железничка линија Прилеп–Битола–Жабени. Линијата, која се реализира во соработка со МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт, ќе им служи на граѓаните со дневни миграции и на вработените во индустриската зона Жабени, со повратен билет од 150 денари.
Дополнително, министерот најави и нови капитални инвестиции: изградба на обиколница околу Прилеп за изместување на товарниот сообраќај, реализација на топловод (парно греење) за Битола и процес на гасификација на регионот.
Стопанствениците, предводени од претставници на регионалните комори, потенцираа дека инфраструктурата е клучна за развојот на регионот и побараа забрзување на проектите, вклучително и патните правци, обиколниците и железничкото поврзување со Грција.
Во однос на железничката врска кон Грција, беше посочено дека проектот моментално е во застој поради состојбите во грчкиот железнички систем.
Со планираните инвестиции, кои вклучуваат и значителна финансиска поддршка за општините, Пелагонија се позиционира како регион во силен инфраструктурен и економски подем, со јасна цел – подобра поврзаност, побрз транспорт и поголем развоен потенцијал.