Борче Димитровски со чист образ пред битолчани: Нека се провери сè, вистината е на наша страна
Секретарот на Општина Битола со јавна реакција ги отфрли обвинувањата за наводен конфликт на интереси и злоупотреба на службената положба, поврзани со финансиската поддршка на одредени здруженија во градот.
Во видео-изјава доставена до медиумите, тој нагласи дека уште со првото назначување на функцијата во 2022 година, како и при повторното именување во 2025 година, потпишал изјава со која се обврзал дека нема да учествува во процесите на одлучување за доделување средства на правни субјекти со кои се поврзани членови од неговото семејство.
Според него, во целиот период немал никакво влијание врз одлуките на комисиите кои одлучуваат за распределба на општинските средства, потенцирајќи дека тие се составени од советници, надворешни експерти и административни службеници.
Во изјавата беа презентирани и конкретни податоци за финансиската поддршка што ја добиле три здруженија во периодот од 2021 до 2026 година. Културно-уметничкото друштво „Илинден“ добило вкупно 820.000 денари, манифестацијата „Трчај бе“ 1.500.000 денари, додека Атлетскиот клуб „Олимп“ добил 260.000 денари. Вкупната сума за сите три субјекти изнесува 2.580.000 денари.
Секретарот посочи дека станува збор за организации со долгогодишно делување и значаен придонес во културниот и спортскиот живот во Битола, кои, како што рече, и претходно биле поддржувани од локалната самоуправа.
Тој исто така демантираше каква било поврзаност на адвокатското друштво „Димитровски“ со Општина Битола, нагласувајќи дека тоа нема воспоставено соработка ниту има добиено средства од општината.
Во обраќањето, секретарот упати повик до надлежните институции да извршат проверка на сите постапки за доделување средства, изразувајќи подготвеност да сноси одговорност доколку се утврдат неправилности.
Воедно, посочи дека не сака да ги коментира медиумските написи кои, според него, содржат невистини, додавајќи дека оценката за новинарската етика треба да ја дадат релевантните тела.
Изјавата беше дадена на ден кога во Битола се одбележува традиционалната манифестација „Весел Петок“, во рамки на празнувањето на Источен петок – Балаклија, познат и како Градски Велигден.