Спорт за сите: Битола ја презема членарината за децата од ранливи категории!
Комисијата за спорт при Советот на Општина Битола донесе едногласна одлука за субвенционирање на спортски клубови во кои членуваат деца од ранливи категории, врз основа на претходно објавениот јавен повик.
Согласно донесената одлука, Општина Битола целосно ќе ја покрива членарината за овие деца, со што директно ќе се олесни нивното вклучување во спортските активности.
Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, истакна дека оваа мерка има за цел да го поттикне активното учество на децата во спортот, да обезбеди поддршка за семејствата на кои тоа им е најпотребно, како и да придонесе кон создавање еднакви можности за развој и стекнување здрави навики.
Од Општина Битола посочуваат дека со оваа иницијатива продолжуваат со реализација на конкретни мерки насочени кон поддршка на младите и унапредување на спортот во локалната заедница.