Стојаноска: Предлог за забрана на двојно државјанство за пратеници, ќе се види кој ќе го поддржи

Пратеничката од Дафина Стојаноска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најави дека пратеничката група на партијата, заедно со коалициските партнери, поднела Предлог-закон за измена на Законот за пратеници, со кој се предвидува идните кандидати за пратеници да поседуваат исклучиво македонско државјанство.

Како што информира Стојаноска, предлогот веќе е доставен до Собрание на Република Северна Македонија и се очекува да биде разгледан по скратена постапка. Според неа, целта на предложените измени е да се расчистат, како што посочи, „долгогодишните шпекулации и обвинувања за двојни државјанства кај носителите на јавни функции“.

Во своето гостување на телевизија „Алфа“, Стојаноска изјави дека со ова законско решение ќе се стави крај на, како што ги нарече, „меурите од сапуница“ поврзани со објавуваните списоци на лица за кои се тврдело дека поседуваат и бугарско државјанство. Таа нагласи дека темата повторно станала актуелна во контекст на парламентарните избори во Бугарија, кога ваквите информации повторно биле пласирани во јавноста.

Стојаноска потенцираше дека меѓу потписниците на предложените измени има и актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, чии имиња, како што рече, биле споменувани во ваквите списоци. Според неа, доколку обвинувањата биле точни, би било нелогично тие да го поддржат предлогот кој директно ги ограничува лицата со двојно државјанство да се кандидираат за пратеници.

Со предложените измени, се предвидува јасен критериум – кандидат за пратеник да може да биде само лице кое има единствено македонско државјанство, што практично би значело исклучување на лицата со двојно државјанство од изборниот процес на парламентарни избори.

Воедно, Стојаноска упати повик до пратениците од Социјалдемократски сојуз на Македонија јавно да се изјаснат за предлогот, истакнувајќи дека гласањето ќе покаже „кој навистина го поддржува ова решение, а кој, како што рече, само декларативно се залага“.

Се очекува предлог-законот да се најде на дневен ред на некоја од наредните седници на Собранието, по што ќе биде познато дали ќе добие поширока политичка поддршка и ќе биде усвоен.


1222

Задолжително

Verified by MonsterInsights