Индустриската зона Новаци се трансформира: милионска инвестиција носи нови шанси за бизнис и развој!
Градежните активности во Индустриската зона Новаци се одвиваат со засилено темпо, а зад целиот процес стои јасна визија и посветеност на градоначалникот Стевче Стевановски, кој активно го следеше напредокот на терен.
Изградбата на водоводна, атмосферска и фекална канализација на новопланираните улици претставува капитален зафат што значително ќе ја унапреди инфраструктурата во зоната. Со ова, Општина Новаци прави сериозен исчекор кон создавање современи услови за работа и привлекување нови инвеститори.
Градоначалникот Стевановски во повеќе наврати потенцира дека развојот на индустриските капацитети е клучен приоритет, а реализирањето на вакви проекти е доказ за одговорен и визионерски пристап во управувањето со општината. Неговата заложба за подобрување на условите за бизнис и живот се препознава преку конкретни проекти што носат долгорочни придобивки.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 25.534.903,16 денари, средства обезбедени од Владата и буџетот на Општина Новаци. Од локалната самоуправа најавуваат дека ова е само дел од пошироката стратегија за економски развој, со која Новаци се позиционира како атрактивна дестинација за нови инвестиции.