Владата одобри изградба на гасна електрана во ТЕЦ Битола меѓу седум стратешки проекти на АД ЕСМ
На денешниот прв конститутивен состанок на Комитетот за јавни инвестиции, АД ЕСМ ја потврди својата клучна улога во развојот на македонскиот енергетски систем. Владата даде зелено светло за вкупно седум стратешки проекти на компанијата, кои веднаш влегуваат во фаза на реализација.
Од АД ЕСМ нагласуваат дека нивниот фокус останува непроменет – модернизација на постојните капацитети, зголемување на домашното производство од обновливи извори и обезбедување стабилна замена на базната енергија.
Меѓу одобрените проекти е воведувањето систем за батериско складирање на енергија, проследено со нов СКАДА систем за следење податоци и современ софтвер за планирање и тргување со електрична енергија. Во ТЕЦ Битола ќе се гради комбинирана гасна електрана, а паралелно ќе се проширува и мрежата за централно греење за градот Битола.
Во Скопје, компанијата ќе ја реновира својата деловно-административна зграда во центарот, со цел да добие модерен изглед и да ги исполни највисоките стандарди за енергетска ефикасност. Истовремено, ќе се реконструира и дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во главниот град.
Значаен дел од новиот инвестициски циклус се насочува кон обновливите извори. АД ЕСМ ќе го гради ветерниот парк Миравци со инсталирана моќност од околу 100 мегавати, проточната хидроелектрана Неготино, како и хибридна фотонапонска електрана во Богданци.
Од компанијата оценуваат дека учеството со седум капитални проекти претставува потврда за сериозен и стратешки пристап кон енергетската транзиција. АД ЕСМ истакнува дека активно работи на градење на енергетската иднина на Македонија.
Покрај новоодобрените инвестиции, во напредна фаза на реализација се и четири фотонапонски електрани во РЕК Осломеј и РЕК Битола, како и проширувањето на ветерниот парк Богданци. Од АД ЕСМ додаваат дека во подготовка се уште низа стратешки проекти кои ќе бидат дел од целосната енергетска трансформација на земјата.