Уметничка инвазија во Битола: „Антропос“ ги носи најголемите имиња од Полска
„Антропос“ претставува комплексна меѓународна ликовна изложба, реализирана во рамките на проектот „Простори на уметност: Природа – Култура – Човештво“.
Изложбата е организирана од Институтот за ликовни уметности при Факултетот за уметност и образовни науки во Чешин, во состав на Универзитетот во Шлезија во Катовице, Полска – една од најзначајните високообразовни и уметнички институции во Полска со силно меѓународно реноме.
Факултетот зад себе има реализирано бројни изложбени активности во странство, при што воспоставил значајни меѓународни уметнички врски и соработки. Воедно, тој е активен учесник во европскиот проект Transform4Europe Alliance, преку кој соработува со десет европски универзитети во насока на создавање мобилен и интернационален универзитетски простор.
Поставувањето на изложбата во Битола претставува значаен чекор во вклучувањето на градот во оваа културна и творечка мрежа, при што Културниот и информативен центар – Офицерски дом се позиционира како релевантен простор за меѓународна уметничка размена.
На изложбата учествуваат бројни професори и реномирани уметници од Универзитетот во Шлезија, меѓу кои: Tomasz Chudzik, Adam Czech, Hanna Grzonka-Karwacka, Agnieszka Jaworska, Wiktoria Kaczmarek, Kamila Kasperowicz, Kacper Kościółek, Anna Krasnodębska, Maria Antonina Mazurek, Aleksander Ostrowski, Wiesława Ostrowska, Krzysztof Pasztuła, Ryszard Pielesz, Maciej Rękosiewicz, Aneta Sadowska, Justyna Stefanczyk и Felicjan Wójcik.
Организатор од полска страна е Адам Чечх (Adam Czech) – истакнат полски уметник со високо меѓународно реноме, познат по своето графичко творештво, бројните изложби и значајни награди и признанија.
Самата изложба, поставена во Битола, е афирмативно претставена и во Полска како еден од позначајните ликовни настани во Македонија во овој период.
Овој значаен меѓународен настан е реализиран по иницијатива на Владо Ѓорески, кустос советник, во рамките на неговите интензивни комуникации со Меѓународното графичко триенале – Битола, Меѓународното биенале на минијатурна уметност – Битола, Универзитетот во Шлезија, како и со Културниот и информативен центар – Офицерски дом.
Со вакви настани, Битола сè повеќе се позиционира на мапата на значајни европски ликовни центри – не само како изложбен простор, туку и како релевантна точка за развој на современи меѓународни уметнички корелации.