„Генералка Викенд“ во Општина Битола
Овој викенд, од 8 до 10 мај, и Општина Битола ќе биде дел од еколошката акција „Генералка Викенд“, која годинава повторно се реализира на национално ниво.
„Генералка Викенд“ започна во 2021 година и во изминатите години прерасна во најголемата еколошка иницијатива во Македонија, во која истовремено учествуваат голем број општини низ државата.
Главната цел на акцијата е отстранување на отпадот од јавните површини, парковите и дивите депонии во градовите и нивната околина.
Сепак, иницијативата не се ограничува само на собирање отпад. Таа има поширока мисија – поттикнување и унапредување на процесите на селекција и рециклирање, како и поврзување на граѓаните со локалните комунални претпријатија и приватните собирачи на отпад.
Преку масовно учество на ученици, институции и волонтери, акцијата има за цел да ја подигне јавната свест и да придонесе кон промена на навиките, со цел грижата за животната средина да стане секојдневна практика, а не само викенд активност.
Во Општина Битола годинава се вклучени 15 образовни установи – основни и средни училишта, градинки, здруженија, културно-уметнички друштва и средношколски дом. Определени се вкупно 12 локации на кои ќе се спроведува чистење на диви депонии.