ЕДНОГЛАСНО УСВОЕН ПРЕДЛОГОТ НА БОЈКОСКИ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА РАКОМЕТНАТА ПЛАТФОРМА

Советот на Општина Битола на денешната 12-та седница едногласно ја усвои одлуката за продолжување на периодот на времетраење на Договорот за уредување на капиталната и управувачката структура помеѓу РК Еурофарм Работник и РК Пелистер, со што продолжува и ракометната платформа која во изминатите години донесе значајни резултати и успеси за битолскиот ракомет.

Предлогот како дополнителна точка на дневниот ред го поднесе претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, кој во своето образложение истакна дека станува збор за чекор што обезбедува континуитет, стабилност и понатамошен развој на клубот и ракометната приказна во градот.

Тој нагласи дека Битола живее за ракометот и дека платформата покажала оти со визија, партнерство и посветеност може да се изгради силен и конкурентен клуб, препознатлив и на домашната и на европската сцена.

Бојкоски повика на поддршка од сите советнички групи, потенцирајќи дека кога станува збор за интересот на Битола, спортот и младите генерации, потребно е единство, а не поделби. Според него, ракометот претставува заедничка инвестиција во иднината на градот и една од најголемите гордости на битолчани.

Советниците едногласно го поддржаа предлогот, со што беше потврдено продолжувањето на ракометната платформа.


1099

Задолжително

Verified by MonsterInsights