Се чистеше дивата депонија кај старата касарна: Универзитетот, „Комуналец“ и Општина Битола во заедничка акција
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во соработка со ЈП „Комуналец“ денеска спроведе акција за расчистување на дивата депонија кај еден од универзитетските објекти во поранешната касарна во Битола. На терен присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој упати апел до граѓаните за поголема грижа и одговорност кон животната средина.
Ректорот на Универзитетот, Игор Неделковски, изрази благодарност до Општина Битола и ЈП „Комуналец“ за брзата реакција и поддршката во расчистувањето на просторот околу Студентскиот информативен центар и Правниот факултет.
„Стануваше збор за простор кој подолг период беше претворен во дива депонија и обраснат со вегетација. Универзитетот и студентите немаа капацитет самостојно да се справат со состојбата, бидејќи беше потребна механизација и професионална поддршка. Без двоумење, институциите излегоа во пресрет на нашето барање“, изјави Неделковски.
Во акцијата беа вклучени екипи на ЈП „Комуналец“, како и студенти и професори од Универзитетот, кои од утринските часови работеа на расчистување на просторот околу објектите.
Градоначалникот Коњановски посочи дека ова не е прва ваква интервенција на локацијата, но нагласи дека локалната самоуправа и Универзитетот ќе продолжат со активности за почиста животна средина и во наредниот период.
„Ова е трет или четврт пат да се чисти ова место во мандатот откако сум градоначалник. На иницијатива на професорите и студентите повторно се организиравме, а акцијата нема да заврши тука. Во следните денови ќе се работи и во студентскиот парк во непосредна близина“, рече Коњановски.
Тој додаде дека паралелно се реализира и инфраструктурниот проект за улицата СРУ 3, со што овој дел од градот ќе добие осветлување и дополнително хортикултурно уредување со нови садници.
Директорот на ЈП „Комуналец“, Горан Степановски, информираше дека само во текот на денешната акција биле отстранети околу 40 метри кубни отпад, односно пет камионски тури смет.
„Во изминатите четири години повеќепати сме интервенирале на оваа локација, но проблемот постојано се повторува поради несовесно однесување на поединци. Се надеваме дека ова ќе биде последно чистење и дека свеста кај граѓаните конечно ќе се промени“, изјави Степановски.
