АД ЕСМ со позитивни финансиски резултати и силен инвестициски циклус за нови енергетски капацитети
Тим на АД ЕСМ, предводен од генералниот директор Лазо Узунчев, учествуваше на координативен состанок во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, на кој заедно со раководствата на МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО ДООЕЛ Скопје се разговараше за тековните стратешки проекти, енергетската стабилност, регионалното поврзување и реализацијата на Реформската агенда.
Пред министерката Сања Божиновска, раководството на АД ЕСМ ги презентираше позитивните финансиски резултати за првиот квартал од 2026 година. Од компанијата оценуваат дека ваквите показатели претставуваат јасен сигнал дека процесот на финансиска консолидација веќе дава конкретни и мерливи резултати.
Според презентираните информации, со одговорно управување, рационално работење и максимален ангажман на сите капацитети, се очекува вториот квартал од годинава да биде заокружен со уште подобри финансиски биланси.
Во насока на зајакнување на енергетската безбедност и поддршка на макроекономската стабилност на државата, АД ЕСМ во изминатите две години започна значителен инвестициски циклус за изградба на нови енергетски капацитети. Проектите, како што беше истакнато на состанокот, се наоѓаат во различни фази – од иницијални подготовки до активна теренска реализација.
Од компанијата потенцираат дека овие инвестиции ќе создадат долгорочна платформа за стабилна, сигурна и одржлива енергетска иднина на Македонија, со зголемено домашно производство и посилна регионална енергетска поврзаност.