Нови инвестиции за модернизација на Хотел Молика и Ски центарот Копанки
ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ Битола продолжува со реализација на нови инвестиции и развојни проекти насочени кон модернизација на туристичката инфраструктура и подобрување на условите за престој во рамки на Хотел Молика и Ски центарот Копанки на Пелистер.
Во рамки на развојните активности за Ски центарот Копанки, компанијата официјално планира изработка на физибилити студија и проект за изградба на мини акумулација, како и систем за водоснабдување и техничко оснежување на дел од скијачките патеки. Со реализацијата на проектот се очекува обезбедување стабилни количини вода за вештачко оснежување, продолжување на зимската сезона и создавање подобри услови за рекреативците и спортистите.
Од компанијата посочуваат дека минатата година на долната скијачка патека биле поставени рефлектори, со што биле создадени услови за ноќно скијање, додека оваа година активно се разгледува можноста за воведување систем за вештачки снег.
Паралелно со овие активности, во фаза на подготовка е и проектна задача за изградба на современ СПА и велнес центар во Хотел Молика, со цел дополнително подобрување на туристичката понуда и зголемување на квалитетот на услугите за посетителите.
Во текот на годинава е планирано и сеопфатно реновирање на хотелот, кое ќе опфати реконструкција на задниот дел од објектот, обнова на фасадата и замена на надворешната дограма, реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, како и целосна модернизација на хотелските соби. Предвидено е и уредување и модернизација на летната тераса на ресторанот.
Во изминатиот период веќе биле реализирани повеќе инвестиции, меѓу кои поставување нов поден тепих на сите катови во хотелот, што претставува прва целосна замена по повеќе од три децении, како и замена на постојниот систем за хлорирање со современа автоматизирана опрема за дозирање и дезинфекција на водата.
Со овие инвестиции, Хотел Молика и Ски центарот Копанки продолжуваат да се развиваат како современа туристичка дестинација во рамки на Националниот парк Пелистер, со фокус на подобар комфор, безбедност и поквалитетна туристичка понуда.