Премиерот со директна порака: Нема да им се исполни желбата на оние што ја отпишаа Владата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата продолжува со интензивна работа и дека очекува државата да ги потврди позитивните резултати во следниот извештај за напредок, упатувајќи критики кон опозицијата за, како што рече, контрадикторни ставови и негативен однос кон успесите на Владата.

– Сакам само да ги предупредам македонските граѓани, претпоставувам атмосферата во опозицијата е специфична и како резултат на таа специфичност понекогаш во текот на денот имаме различни ставови за една иста тема, а понекогаш дури и тие самите се доведени во ситуација да се демантираат – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата уште по локалните избори започнала со, како што рече, „жестока работа“, додавајќи дека државата од последна во групата „Западен Балкан 6“ стигнала до првата позиција според јануарскиот извештај.

– Сега следи јунскиот извештај, на крајот од јуни. Имаме интензивна комуникација со господинот Гертијан Копман, работиме на сите портфолија во рамките на Владата и очекувам оваа позиција да ја потврдиме и по јунскиот извештај – рече премиерот.

Според него, државата очекува дополнителна директна буџетска поддршка од околу 30 милиони евра, со што вкупната сума до крајот на годината би се доближила до 100 милиони евра.

– Кога на тоа ќе се додадат и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така продолжуваме во периодот што следи – истакна Мицкоски.

Тој порача дека сите кои посакуваат неуспех на Владата, всушност посакуваат неуспех и на државата.

– За жал, имам лоша вест за нив. Ќе мора да сведочат на многу успеси што ги прави оваа Влада – изјави премиерот.


1154

Задолжително

Verified by MonsterInsights