Македонија и Хрватска ја продлабочуваат стратешката и економската соработка

Хрватска останува силен и доследен поддржувач на македонските евроинтеграции, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Охрид, каде што двете влади потпишаа договор за стратешка соработка и повеќе меморандуми за економско поврзување.

Пленковиќ истакна дека Хрватска ја поддржува Македонија „од првиот ден“, потсетувајќи дека во почетокот на 2000-тите години Хрватска била чекор зад Македонија на патот кон Европската Унија, а денес веќе 13 години е полноправна членка на Унијата. Според него, сегашната состојба во која се наоѓа македонскиот евроинтеграциски процес е неправедна и неопходно е деблокирање на процесите и забрзување на клучните чекори кон членството.

На билатералната средба меѓу владините делегации беа потпишани договори за стратешка соработка, додека меморандум за соработка потпишаа и македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија. Посетата продолжи со бизнис-форум меѓу компании од двете држави, од кој се очекуваат нови иницијативи за економска и инвестициска соработка.

Мицкоски оцени дека договорот за стратешка соработка отвора простор за уште поголема трговска и економска размена меѓу двете земји. Тој посочи дека Македонија и Хрватска имаат избалансирани трговски односи, а во 2025 година Македонија бележи благ суфицит од околу десет милиони евра. Премиерот ја поздрави и одлуката на хрватскиот Сабор за овозможување долгорочни визи за македонските транспортери, оценувајќи ја како значајна поддршка за домашниот транспортен сектор.

Според Мицкоски, дополнителен пример за продлабочување на соработката е изборот на хрватската компанија Далековод за продолжување на проектот за високонапонско енергетско поврзување со Албанија. Тој нагласи дека ваквите билатерални средби претставуваат силен поттик за бизнис-заедниците од двете држави да воспостават нови партнерства и заеднички проекти.

Во рамките на посетата, Стопанска комора на Македонија им додели признанија на Пленковиќ и Мицкоски за придонес во регионалната бизнис-интеграција. Претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека двајцата премиери со години работат на зајакнување на економската соработка, подобрување на трговската размена и отворање нови можности за компаниите во регионот.

На бизнис-форумот во Охрид присуствуваа претставници на повеќе македонски компании, меѓу кои Алкалоид АД Скопје, Витаминка АД Прилеп, Тиквеш АД и МЕПСО, кои ја изразија својата заинтересираност за проширување на соработката со хрватски партнери.

Средбата во Охрид испрати јасна порака дека политичката поддршка, економската интеграција и заедничките европски цели остануваат темел за натамошно продлабочување на односите меѓу Македонија и Хрватска.


1138

Задолжително

Verified by MonsterInsights