Само еден тим, само еден град, само Пелистер, само Битола
Градот обединет пред клучниот натпревар
Во Битола веќе се чувствува фудбалската атмосфера пред најважниот натпревар за Пелистер оваа сезона. Бараж дуелот за опстанок во Првата македонска фудбалска лига против Шкендија Арачиново во Кавадарци не е само спортски предизвик – туку натпревар што го обединува целиот град.
Поддршка за фудбалерите денеска испрати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој заедно со претседателот на Советот и секретарот на Општината застана зад зелено-белите во пресрет на решавачкиот меч.
Тој порача дека без разлика на сите подеми и падови во текот на сезоната, тимот заслужува силна поддршка во моментите кога е најпотребна.
„Ги повикуваме сите заедно да бидеме поддршка на нашите фудбалери на најважниот натпревар оваа сезона. Сезоната не беше совршена, имаше и падови, но тие никогаш не се откажаа, како што не се откажавме ни ние“, истакна Коњановски.
Во Битола, Пелистер отсекогаш бил повеќе од клуб. Тој е дел од градскиот идентитет, симбол на традицијата, емоцијата и спортската гордост која со децении ги собира генерациите на трибините.
Токму затоа, неделниот натпревар се доживува како момент кога целиот град треба да застане зад својот тим. Навивачите веќе најавуваат силна поддршка, а атмосферата меѓу битолчани станува сè понаелектризирана.
„Само еден тим, само еден град, само Пелистер, само Битола“, порача градоначалникот.
Во недела, Пелистер нема да игра сам. Со него ќе биде цела Битола.