Мицкоски: ЕУ е маратон, нема попуштање без гаранции
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека евроинтегративниот процес на Северна Македонија претставува „маратон кој се добива со ум и стратегија, а не со брзање и притисок“, откако повтори дека Владата нема да прифати уставни измени, вклучително и впис на Бугарите во Уставот, без јасно дефиниран план и цврсти гаранции за конечниот исход.
Ставовите на Владата доаѓаат по средбата меѓу Мицкоски и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Од европска страна беше нагласено дека нема простор за нови преговори или ревизија на веќе усвоената преговарачка рамка од 2022 година, при што беше истакнато дека спроведувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за продолжување на пристапните преговори.
Мицкоски, од друга страна, оцени дека државата веќе ги исполнила своите обврски во делот на реформите, владеењето на правото и акцискиот план за правата на малцинствата. Тој предупреди дека политичката ситуација во Бугарија дополнително се радикализира и дека Софија не покажува подготвеност за промена на ставовите, користејќи го прашањето за внатрешнополитички цели.
Според премиерот, нови отстапки нема да има без јасни гаранции, при што се повика на, како што рече, долгогодишните политички блокади и „заложништва“ на државата и граѓаните во изминатите 26 години.
Тој упати повик за национално обединување околу државните интереси, нагласувајќи дека оние што ги загрозуваат „меките ткива на македонскиот идентитет“ ќе бидат политички поразени.
Мицкоски ја потврди целосната усогласеност на надворешната и одбранбената политика со Европската Унија, но истовремено истакна дека Владата останува посветена на реформската агенда како клучен приоритет.
На прес-конференцијата, чија главна цел беше презентација на економските резултати, премиерот посочи дека државата бележи раст на БДП, отворање на нови работни места и привлекување инвестиции, и покрај глобалните економски предизвици и инфлациските притисоци.
Тој ја нагласи и борбата против корупцијата како еден од главните приоритети, упатувајќи критики кон политичките противници, за кои тврди дека се збогатиле на сметка на граѓаните, за разлика од неговата Влада која, како што истакна, во политиката влегла со интегритет.