ЈКП „Водовод“ Битола ја реконструира водоводната мрежа во ОУ „Гоце Делчев“
Во насока на подобрување на условите за учениците и вработените, Јавното комунално претпријатие ЈКП Водовод Битола спроведува реконструкција на внатрешната водоводна мрежа во ОУ Гоце Делчев.
Во рамки на активностите, старите и дотраени поцинкувани цевки се заменуваат со нови полиетиленски цевки со пречник од 63 милиметри, кои овозможуваат поголема издржливост, подобар проток и значително помал ризик од дефекти и загуби на вода.
Од ЈКП „Водовод“ информираат дека со оваа инвестиција ќе се обезбеди постабилно и поквалитетно водоснабдување во училиштето, што е особено важно за непречено одвивање на наставниот процес и одржување на соодветни хигиенски услови за учениците и наставниот кадар.
Реконструкцијата е дел од континуираните активности на претпријатието за модернизација и подобрување на водоводната инфраструктура во јавните установи и на територијата на Општина Битола.
Од претпријатието посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со инвестиции и интервенции насочени кон зголемување на сигурноста на водоснабдителниот систем и подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.
„Со навремени инвестиции во инфраструктурата создаваме подобри услови за корисниците и обезбедуваме долгорочно сигурно водоснабдување. ЈКП Водовод Битола останува посветено на својата мисија – квалитетна и сигурна услуга за сите граѓани“, велат од претпријатието.
ЈКП „Водовод“ Битола продолжува со реализација на проекти кои придонесуваат за унапредување на комуналната инфраструктура и подобар квалитет на живот во локалната заедница.