„Ден на спортот“ ги обедини учениците во спортски дух и фер-плеј

Во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола денес се одржува настанот „Ден на спортот“, кој се реализира во рамки на програмата „Спортски игри за младите“ – најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа, со повеќе од 29 години традиција. Оваа година, Федерацијата на училишен спорт на Македонија ја спроведува програмата на територијата на Република Северна Македонија.

Настанот е еднодневен спортско-едукативен собир наменет за ученици од основните училишта, кој промовира масовно и бесплатно учество во спортот, инклузивност, родова еднаквост, развивање на здрави животни навики и фер-плеј.

Во рамки на програмата, учениците се натпреваруваат во „народна“ атлетика, трка на 60 метри, како и во други спортски дисциплини и активности.

Општина Битола, која даде поддршка на настанот, продолжува да биде значаен промотор на младинскиот спорт, физичката активност и здравиот начин на живот.

На настанот се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека Општина Битола континуирано вложува во спортската училишна инфраструктура. Како што посочи, речиси во сите училишта се реализирани или се реализираат реконструкции на спортските игралишта, а дел од основните училишта веќе располагаат со модерни типски спортски сали. Тој додаде дека во завршна фаза се и активностите за изградба на затворениот пливачки базен во ОУ „Даме Груев“.

Градоначалникот нагласи и дека Општина Битола континуирано инвестира во спортска опрема за реализација на наставата по физичко и здравствено образование.

Овие игри, според бројот на учесници низ годините, претставуваат најголем аматерски спортски настан во Европа, под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија, УЕФА и ФИДЕ.

Во рамки на настанот, „Кока-Кола Куп“ е најголемиот малоклупски фудбалски турнир во Европа, кој се организира по дванаесетти пат под капата на Плазма „Спортски игри на младите“.

На настанот присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, како и секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.


1165

Задолжително

Verified by MonsterInsights