Поголема сигурност за регионот – ново возило за ТППЕ Битола
Територијалната противпожарна единица на Битола денеска се здоби со ново теренско противпожарно возило опремено со специјална надградба и цистерна за вода. Новата опрема ќе овозможи значително побрза реакција, подобра мобилност на непристапни терени и поефикасно справување со пожари во шумските и руралните средини.
Опремата е обезбедена во рамките на проектот „FIREFLY – заедничка прекугранична иновативна заштита и превенција од шумски пожари“, кој се реализира преку Програмата за прекугранична соработка со Грција 2021-2027, финансирана од Европската Унија.
На примопредавањето на возилото присуствуваа заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Јосиф Балтов и командирот на противпожарната единица Христијан Тодоровски.
Градоначалникот Коњановски потенцираше дека битолската противпожарна единица има клучна улога не само за општината, туку и за целиот регион, секојдневно обезбедувајќи заштита и за општините Новаци и Могила, а често интервенирајќи и пошироко.
„Последните години сме сведоци на сè почести екстремни временски услови, долги сушни периоди и зголемен ризик од шумски пожари. Токму затоа, вложувањето во капацитетите на противпожарната единица претставува вложување во безбедноста на целиот Пелагониски регион“, истакна Коњановски.
Главна цел на проектот „FIREFLY“ е ефективно управување со шумските пожари, нивна превенција и заштита на природната средина во прекуграничните региони. Партнери на проектот од македонска страна се Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Дирекцијата за заштита и спасување.